Претходна статија
До 2021 година ќе се вози по реконструиран и надграден пат Крива Паланка - Деве Баир
Следна статија
„АДИНГ“ со намален профит од 2,7% во текот на 2018 година

Дивоградбите ќе добијат повторно шанса за легализација, овој пат многу поскапа

Објавено на 26.02.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Управниот одбор на ЗЕЛС на денешната седница не ја прифати најновата нацрт верзија на законот за легализација на оние дивоградби што се изградени по 3 март 2011 година. „Пробниот балон“ што го пуштија од владата повторно би ја отворил постапката за легализација на бесправно изградените објекти на оние граѓани што се решиле да градат спротивно од законските прописи во периодот од 2011 до крајот на 2018 година. Од ЗЕЛС даваат согласност за ваквото законско решение, но само ако новите дивоградби ги платат сите регуларни комуналии, со дополнителен процент на казнени поени за граѓаните што го започнале ваквиот процес на диво градење.

 

 

Градоначалниците на општините инсистираат да се вметнат нивните забелешки во идното законско решение за бесправно изградените објекти, но притоа нагласуваат дека во иднина треба да престане сегашниот начин на легализација на објектите. Воедно, оние објекти што е невозможно да се вклопат во деталните урбанистички планови, ќе треба задолжително да се пристапи кон нивно рушење.

 

Од постапките на легализација на дивоградбите низ земјава најмногу се засегнати токму општинските власти. И по осум години од почетокот на постапката за легализација на бесправно изградените објекти, целокупната процедура е завршена само кај половина од поднесените 430.000 барања од граѓаните. Во исто време, рокот за поднесување барања беше продолжуван во неколку наврати од државните власти, заедно со крајниот датум за поднесување на геодетските елаборати на оние граѓани што сакаат да ги легализираат објектите.

 

И покрај сето ова, статистичките показатели покажуваат дека секоја година од општинските власти се регистрираат околу 1.000 нови дивоградби. Само во 2017 година, локалните самоуправи прибележале 762 нови бесправно изградени објекти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.