Над 34,6 милиони денари ќе се потрошат за непредвидени работи за санација и рехабилитација на автопатската делница Неготино – Демир Капија на Коридорот 10. И покрај тоа што веќе требаше да биде завршен, со најновиот договор склучен на 12 февруари годинава се предвидува продолжување на рокот за изведба на градежните работи за дополнителни 3 месеци. Активностите на терен ќе ги изведува компанијата „Гранит“ од Скопје.
Реконструкцијата на автопатската делница од Неготино до Демир Капија требаше да биде завршена уште за време на минатото лето. Трасата со должина од 15,4 километри се изведуваше во двата правци, а за градежните работи досега се издвоија 347.047.027 денари (над 5,6 милиони евра) од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта. Првичниот договор за рехабилитација на овој сегмент од автопатот на Коридорот 10 беше потпишан во јуни 2016 година.