Општина Кавадарци планира да гради монтажна гаража за решавање на проблемот со паркирањето во центарот на Кавадарци. Локалните власти планираат идниот монтажно-челичен објект на две нивоа да го градат во близина на градскиот пазар. Идниот простор за паркирање ќе има капацитет да прими 52 возила. Изведбата на монтажната гаража е предвидено да чини околу 22 милиони денари и истата ќе претставува прв паркинг од ваков вид во Кавадарци.
Локалната самоуправа денеска ја распиша тендерската постапка за избор на изведувач. Заинтересираните компании ќе имаат рок до 11 март за да ги достават своите понуди за учество, по што ќе се избере најповолниот понудувач. Идната монтажна гаража во Кавадарци ќе треба да се изгради во рок од 120 денови.