Претходна статија
Продолжуваат партиските препукувања околу изградбата на скопскиот Клинички центар
Следна статија
Отворена изложбата „Загрозен модернизам: архитектонски сценарија за адаптивна (ре)употреба“

Од Ohrid SOS повторно предупредуваат дека Охрид може да се најде на Листата на светско наследство во опасност

Објавено на 08.02.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Од граѓанската иницијатива „Ohrid SOS“ денеска побараа од в.д. градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски да реагира во согласност со важечките законски прописи околу спорниот хотел во фаза на градење во населбата Лагадин. Тие повторно укажуваат на законот, во кој се вели дека во појасот од 50 метри од Охридското езеро не може да се гради бидејќи станува збор за заштитен појас на единственото подрачје во Македонија заштитено од УНЕСКО. „Или покажете дека имате способност да раководите со Општината, а со тоа и со дел од УНЕСКО регионот, или оставете работата да ја заврши некој посовесен од вас“, посочуваат во соопштението од „Ohrid SOS“.

 

*Недоградениот хотел во охридската населба Лагадин; Фото: Ohrid SOS

 

Во испратениот допис се наведува дека членот 244-а од Кривичниот законик на Р.М. предвидува казна затвор од три до осум години за она службено лице во локалната самоуправа кое ќе донесе решение за локациски услови спротивно на важечки урбанистички план. Идентична казна е предвидена и за службено лице доколку при издавањето на бесправно решение за градба му нанесе штета на друг. Од „Ohrid SOS“ посочуваат дека постојат обврзувачки препораки од УНЕСКО кои мора да се исполнат во конкретен рок, а во спротивно постојната власт ќе биде виновна доколку Охрид се впише на Листата на светско наследство во опасност.

 

Тие потсетуваат на деветтата препорака од Реактивната мисија на УНЕСКО, со која се бара ригорозна примена на законите со цел да се оневозможи понатамошно нелегално градење крај Охридското езеро. Од граѓанската иницијатива „Ohrid SOS“ потсетуваат дека за недоградениот хотел во Лагадин има барање до општина Охрид за поништување на издаденото одобрение за градење на објектот што е изготвено од страна на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Оттаму посочуваат и на укажувањето од инспекторатот, во кое се нагласува дека општина Охрид го усвоила Општиот акт за Лагадин прекршувајќи ја својата законска обврска да спроведе оцена на влијание врз животната средина.