Претходна статија
Во Велес ќе се гради затворен базен
Следна статија
Македонија ја отпочнува дигитализацијата на градежништвото

Првата регионална депонија по европски стандарди би се градела во Свети Николе

Објавено на 04.02.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Во општина Свети Николе би се градела првата регионална депонија по најстрогите европски стандарди во Македонија. Локалните самоуправи од источниот и североисточниот дел на земјава се согласија седиштето на регионалното јавно претпријатие да биде во општина Свети Николе, со што се очекува и официјален почеток на реализацијата на овој проект. Проектот за изградба на регионалната депонија во Свети Николе се одолговлекува една деценија наназад, а при крајот на минатата година на избраната локација се спротивставија жителите од Свети Николе и од тамошната локална самоуправа.

 

Доколку не се изведе проектот на веќе избраната локација во Свети Николе, двата македонски региони ризикуваат да ги изгубат средствата од ЕУ предвидени за изградба на модерна депонија. Во проектната документација за овој комплекс веќе се вложени 850.000 евра, додека изведбата на самата регионална депонија ќе чини над 30 милиони евра. За овој проект веќе се обезбедени неопходните средства преку ИПА фондовите на Европската Унија. Крајниот рок за нејзина изградба е 2022 година.

 

Регионалната депонија на истокот и североистокот од Македонија е планирано да се гради во близина на селото Мечкуевци. Овој комплекс би имал капацитет да прими 900.000 метри кубни отпад. Комплексот ќе има постројка за компостирање на отпад, постројка за рециклирање на отпад (хартија, пластика, метал и стакло) и постројка за третман на отпад. Иновативниот систем ќе овозможи преработка на ѓубрето собрано од населението со околу 370.000 жители на едно место по принципот на максимална селекција и третман на отпадот. Со ова ќе се надмине постојната состојба на складирање на ѓубрето по досегашните депонии, односно регионалната депонија близу Свети Николе би се издигнала на ниво на производствен погон што ќе овозможи зачувување на животната средина.