Претходна статија
Владата предлага нови поволности со проектот „Купи куќа, купи стан“
Следна статија
Отпочнува проектирањето на булеварот „Словенија“ во правец кон Ѓорче Петров

Изложбата „Скопје – градот на солидарноста“ во јули ќе се отвори во Краков

Објавено на 01.02.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Меѓународниот културен центар од Краков на една од најатрактивните локации во овој полски град во јули годинава планира да ја постави изложбата „Скопје – градот на солидарноста“. Изложбената поставка е предвидено да ги раскаже вонредните напори на меѓународната заедница при постземјотресната обнова на македонскиот главен град во периодот по 1963 година. „Градот беше одлучено да се обнови не само како симбол на братството и единството на народите на Југославија, туку и на солидарноста на целиот свет“, се нагласува во краткиот опис на претстојната изложба.

 

 

Изложбената поставка во Краков ќе го претстави значајниот придонес на Република Полска во постземјотресната обнова на Скопје, почнувајќи од функцијата на Адолф Циборовски како генерален шеф на Обединетите Нации при обновата на разурнатиот град и на урбанистот Станислав Јанковски, којшто ја предводел полската екипа за подготовка на новата урбанистичко – планска документација за натамошен развој на постземјотресно Скопје.

 

Посебно место во претстојната изложба „Скопје – град на солидарноста“ ќе заземе и историјатот на Музејот на современата уметност во Скопје, чиј проект е дизајниран од „Варшавските тигри“ – познатата тројка на полски архитекти (Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки). Во соработка со оваа македонска музејска установа, на изложбата во Краков ќе биде претставена и полската колекција на донирани слики, скулптури и графики за разурнатото Скопје на познати уметници од оваа земја.

 

Одржувањето на изложбата „Скопје – град на солидарноста“ во Краков е инспирирано од Амбасадата на Република Полска во Македонија, која неколку години наназад ги поддржува истражувањата за учеството на Полјаците во постземјотресната обнова на Скопје. Претстојната изложба во Краков е подготвена во соработка со Националниот институт за полско културно наследство во странство „ПОЛОНИКА“. Изложбата што ќе се одржи во строгиот центар на Краков ќе биде отворена за посетителите во периодот од 2 јули до 20 октомври 2019 година. Кураторки на изложбата се д – р Моника Ридигер и Агата Васовска –  Павлик.