Советот на општина Центар на последната седница донесе одлука за подигање на спомен – обележје на неодамна починатиот драматург Горан Стефановски во населбата Дебар Маало.
Великанот на македонската култура ќе добие спомен – обележје во вид на дрво и скулптура во паркот спроти кафеаната „Идадија“. Усвоената одлука на општинарите е на предлог на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде Горан Стефановски беше член надвор од работниот состав.
Како што информираат од општина Центар, спомен – обележјето ќе се издигне во соработка меѓу локалната самоуправа, семејството на починатиот драматург и МАНУ. Локацијата е симболично избрана, поаѓајќи од фактот дека куќата на семејството Стефановски се наоѓала на околу 200 метри од постојниот триаголен парк кај кафеаната „Идадија“. Населбата Дебар Маало е силно сврзана со целокупниот творечки опус на Горан Стефановски, па оттука спомен – обележјето на оваа локација ќе претставува адекватен потсетник за неговото дело и придонес за развојот на македонската книжевност.