Претходна статија
Конкурс за избор на идејни решенија за поставување улични библиотеки во Скопје
Следна статија
Владата предлага нови поволности со проектот „Купи куќа, купи стан“

До крајот на февруари нов Предлог – Закон за градење

Објавено на 31.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По бројните критики на стручната фела, невладините организации и градежниците, Министерството за транспорт и врски ја започна постапката за изготвување на новиот Закон за градење. Предлог – законот е предвидено да се подготви до крајот на февруари годинава, по што ќе следи јавен увид и расправа за неговите членови. Ваквиот чекор на извршната власт доаѓа по константните критики на сметка на претходната влада, која успеа да го промени дури 27 пати постојниот Закон за градење, во многу случаи и за да добие можност непречено да ги реализира објектите од проектот „Скопје 2014“.

 

 

Надлежното министерство во објавената информација на Единствениот Национален Регистар на Прописи на Република Македонија (ЕНЕР) посочува дека целта на предлог – законот е да се подобрат решенијата во областа на градењето и постапките за издавање на одобренија за градење. „Во постојниот закон постојат одредени недостатоци во областа на градењето поради што се предлага истите да се подобрат“, се наведува во објавата.

 

Менувањето на легислативата доаѓа по многубројните критики на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, но и на Комората на овластени архитекти и инженери, во врска со постојните одредби од Законот за градење. Стручната фела од своја страна даде конкретни предлози за подобрување на овој закон, а веќе со првичната верзија на изготвениот текст од Министерството за транспорт и врски ќе се увиди колкав процент од нивните барања се уважени.