Европската инвестициска банка на нашата држава и одобри заем од 130 милиони евра за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, дел од македонскиот М-1 и од пан-европскиот Коридор 10. Средствата претставуваат околу половина од потребната сума за овој проект и ќе се враќаат под поволни услови, со каматна стапка која во моментов изнесува 1,3 отсто и рок на отплата од 15 години, од кои пет години се грејс период. Покрај ЕИБ, во финансирањето ќе учествува и ЕУ со грант од 45 милиони евра од ИПА фондовите, како и Европската банка за обнова и развој со кредит од 107 милиони евра, од кој дел ќе се искористи за системот за наплата на патарина долж Коридорот 10. Република Македонија ќе учествува во проектот со 6 милиони евра сопствени средства.
Изведбениот проект за изградба на автопатската делница Демир Капија – Смоквица беше изготвен лани. Тендерската постапка за избор на изведувач на градежните работи е предвидено да започне наскоро, во текот на првиот квартал годинава. Изготвената тендерска документација е доставена до Европската комисија и откако истата ќе биде усогласена, ќе биде распишан меѓународен тендер за избор на изведувачот. Предвидено е изградбата да започне во текот на годинава.
За делницата Демир Капија – Смоквица првично во игра беа две варијанти. Првата, со должина од 32 километри предвидуваше надградба на постоечкиот пат што ја следи долината на Вардар (од неговата од лева страна), за што постои детален проект уште од 90-тите. Одбрана беше втората варијанта со должина од 28 километри, чија траса во близина на Демир Капија ќе преминува на десната страна на Вардар и ќе се движи надвор од долината, се до поврзувањето со постоечкиот автопат кај Смоквица.