Општина Штип годинава треба да добие нов Генерален урбанистички план (ГУП). Скопската фирма „ИН – ПУМА Институт за урбанизам, сообраќај и екологија“ е избрана за изготвувач на идниот ГУП, којшто би имал површина од 2.292 хектари. За изработката на овој документ се издвоени над 5,8 милиони денари од штипскиот општински буџет. Проектантите ќе треба да го изготват новиот ГУП во период од 3 месеци по давањето на налог за негова изработка, а со потпишаниот договор е вклучена и неопходната ревизија на Генералниот урбанистички план.
*Извор на фотографија: Општина Штип
Изработката на нов Генерален урбанистички план во Штип се одолговлекува од 2013 година, поради што се појавуваат проблеми со изготвувањето на деталните урбанистички планови за одредени делови на Штип. Планската програма за новиот ГУП на Штип е изработена уште пред шест години, а веќе е изготвен и Извештајот за стратегиска оценка на животната средина за новиот ГУП за Штип.