Општина Кисела Вода распиша тендерска постапка за избор на компанија што ќе ја гради атмосферската канализација по улиците во скопската населба Пржино. Проектот опфаќа изведба на канализациона мрежа во должина од 5,2 километри, која што ќе обезбеди решавање на проблемот со атмосферските води за околу 3.500 жители од овој дел на Скопје. Заинтересираните компании за учество на тендерот имаат рок за да ги достават своите понуди најдоцна до 18 февруари, за кога е закажано и отворањето на пристигнатите понуди. Доколку успешно се реализира тендерската постапка, тогаш градежните работи во скопско Пржино ќе можат да започнат веќе во текот на претстојната пролет.
Изградбата на атмосферската канализација во населбата Пржино се реализира преку Проектот за подобрување на општински услуги што е финансиран од Светската банка. Министерството за финансии во септември минатата година распредели над 290,7 милиони денари за решавање на клучните инфраструктурни проблеми во шест македонски општини, а еден од грантистите што добија финансиски средства се и општинските власти од Кисела Вода.