Општина Карпош годинава планира да отпочне изградба на нов парк во населбата Карпош 4, кој ќе се простира долж реката Вардар на потегот од вештачката карпа до бунарите на реката Лепенец. Проектот вреден речиси 900.000 евра ќе се финансира со заеднички средства обезбедени од буџетот на општина Карпош и со неповратни финансиски средства од Европската Унија. Покрај новото зеленило и хортикултурното уредување на целиот простор од неколку илјади метри квадратни, на оваа површина ќе се изведат и игралишта за неколку спортови што ќе служат за рекреација на граѓаните.
*Извор на визуелен материјал: Општина Карпош
Реализацијата на новиот парк во населбата Карпош 4 ќе се одвива во етапи. Крајниот рок за неговото завршување е 2020 година, а првата фаза од неговата изградба беше поддржана од општинските советници уште во јули минатата година. Финалната реализација на овој проект ќе значи не само оформување на ново парковско зеленило и простор за рекреација на граѓаните, туку и изведба на пешачки премин над булеварот „Илинденска“ за непречено движење на граѓаните кон новиот парк. За целосна реализација на овој проект ќе бидат потребни дополнителни средства што е неопходно да се обезбедат од општинските власти.