Општина Куманово денеска ја започна изведбата на првата монтажна гаража за паркирање во градот. Постојниот паркинг пред Домот на културата „Трајко Прокопиев“ со инвестицијата ќе добие двојно поголем број на паркинг места, а планот на локалните власти е да се постават барем уште два вакви инфраструктурни објекти на фреквентни локации во Куманово. Монтажата на првата катна гаража во Куманово ќе треба да заврши до крајот на февруари, при што од март ќе започне нејзината употреба. Изведбените работи ќе ги реализира делчевската фирма „ГЕО ИНГ“. Од кумановскиот буџет се издвоени над 15,2 милиони денари за изведба на првата монтажна гаража.
*Извор на фотографија: Општина Куманово
Вториот по големина град во земјава веќе неколку години наназад се соочува со сериозни проблеми со паркирањето. Инфраструктурата за паркирање била проектирана со капацитет од 8.000 до 10.000 возила, додека во моментов низ Куманово сообраќаат над 27.000 возила. Како резултат на ова, кумановската локална самоуправа ќе треба да вложи десетици милиони денари во надградба на постојните паркинзи во градот.