И покрај декларативните заложби на граѓаните и на властите за заштита на животната средина и за користење на јавниот превоз, увозот на возила лани ги срушил рекордите за последните пет години. За само 11 месеци се увезени 35.513 патнички автомобили, при што дури 27.018 од нив се половни возила што биле веќе употребувани во странство. Фрапантните бројки на Царинската управа покажуваат дека овие бројки се поголеми од вкупниот годишен увоз на возила за изминатиот петтогодишен период. Од година во година расте и бројката на регистрирани возила од македонските граѓани, а Државниот завод за статистика новите рекордни бројки за 2018 година треба допрва да ги објави.
Рапидниот раст на увозот на возила од странство започна во 2010 година, кога претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ ги намали акцизите за увоз на патнички автомобили и за 20 пати. Многу граѓани успеаја да купат нови возила, но огромен дел од нив се половни автомобили што го загадуваат воздухот и го зголемуваат сообраќајниот метеж во градовите. И покрај бројните критики на властите и заложбите на граѓаните за чист воздух, 2018 година најверојатно дека ќе го заземе третото или второто место во македонската историја по рекорден увоз на патнички автомобили од странство. Убедливо најмногу возила биле доведени во нашата земја во 2010 година – вкупно 62.510 патнички автомобили, покажуваат податоците на Царинската управа на Македонија.
И додека расте бројот на автомобили, статистичките податоци покажуваат намалување на јавниот градски и меѓуградски превоз. Железничкиот сообраќај веќе неколку години по ред доживува рекордно низок број на патници од околу 500.000 – 600.000 годишно, а се намалува и бројката на превезени патници од ЈСП – Скопје во главниот град. Последниот извештај од работењето на ЈСП – Скопје за периодот јануари – септември 2018 година покажува намалување на бројката на превезени патници од околу 150.000 патници. Во деветте месеци со автобусите на ова јавно претпријатие патувале 32.022.326 патници, што е помалку во однос на превезените 33.172.000 патници во првите девет месеци од 2017 година.
Доколку сака воопшто некогаш да стане членка на Европската Унија, Македонија во најбрзо време ќе мора да се насочи кон решавањето на проблемот со половните автомобили и високото ниво на загадување што тие го создаваат низ градовите. Во многу европски метрополи се воведени забрани за движење на стари возила низ централните градски средини, се стимулира користењето на велосипедите и на градскиот превоз, а управите на европските метрополи инвестираат постојано во нови алтернативни средства за јавен транспорт низ градовите.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk