Градот Скопје во 2019 година ќе гради и реконструира десетина булевари и улици кои на долг рок треба да обезбедат растеретување на сообраќајниот метеж. Изградбата на трите клучни булевари „АСНОМ“ меѓу Скопскиот саем и салата „Јане Сандански“ во Аеродром, изградбата на булеварот „Љубљанска“ меѓу Карпош 3 и Злокуќани и булеварот „Хрватска“ меѓу Чаир и Автокоманда се вметнати во овогодинешниот градски буџет, со што ќе се овозможи започнување на нивната реализација. Годинавата ќе продолжи и изведбата на втората фаза од булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ кон скопската обиколница во општина Бутел.
*Дупките на најзначајниот булевар „Партизански одреди“ годинава треба да ги снема од коловозот
Со средствата од градскиот буџет е предвидено да се доврши изградбата на улицата „Борис Сарафов“ во населбата Ѓорче Петров, а со дополнителни 40 милиони денари треба да се комплетира неколкугодишната изведба на булеварот „Србија“ со новиот кружен тек на раскрсницата со улица „Христо Татарчев“. Скопските власти годинава ќе ја започнат изведбата на четврта коловозна лента на булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица), при што во Чаир ќе продолжи реконструкцијата и надградбата на булеварот „Босна и Херцеговина“.
Во 2019 година ќе се изврши санација на коловозот на четири значајни сообраќајници – „Партизански одреди“, „Димитрија Чуповски“, „Крсте Петков Мисирков“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Најмногу средства – 97,3 милиони денари се алоцирани за реконструкција на булеварот „Партизански одреди“, кој годинава ќе се санира на потегот од булеварот „8-ми Септември“ во Карпош 2 до мостот Обединети Нации. Со средства од градскиот буџет ќе се обнови асфалтот на улицата „Димитрија Чуповски“ од раскрсницата кај „Палома Бјанка“ до булеварот „Св. Климент Охридски“. Нов асфалт годинава е предвидено да добие и улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ кај Клубот на пратеници. Воедно, во претстојните месеци ќе започне санација на булеварот „Крсте Петков Мисирков“, во делот помеѓу стоковната куќа „Мавровка“ и надпатникот после Бит-пазар.
Обновата на велосипедските и пешачките патеки на скопските сообраќајници ќе продолжи паралелно со планираните градежни зафати, за што се издвоени 17 милиони денари од градскиот буџет. Во градскиот буџет се предвидени финансиски средства за изградба и реконструкција на десетина други улици од помало значење во општините Гази Баба, Бутел, Чаир, Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Кисела Вода и Аеродром.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk