Македонското собрание денеска ги усвои измените на Законот за минерални суровини, со кои се забранува употребата на цијаниди и сулфурна киселина при флотација или лужење во новите рудници од отворен коп што е предвидено да се отворат во нашата земја. Измените предвидуваат и депонирање на финансиска гаранција од концесионерите во случај на еколошки катастрофи при работењето на идните рудници, информираат од партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ). Новите членови во законот ќе овозможат надминување на проблемот за кој реагираа еколошките организации од неколку населени места во Македонија, кои бараа да им се одземат дадените дозволи за експлоатација на руда на концесионерите поради опасност од сериозни загадувања на животната средина во наредниот период.
Ваквите измени на законот ќе овозможат прагматични отстапки за двете спротивставени страни. Инвеститорите во идните рудници ќе можат да продолжат со реализацијата на нивните замислени проекти, но само доколку се откажат од употребата на цијанидите и сулфурната киселина при вадењето руда. Од друга страна, исфрлањето на овие штетни супстанци по човековото здравје би ги задоволило барањата на екологистите, кои вкупно 40 на број во форма на организации и иницијативи учествуваа во подготовката на законот.
И покрај ваквите измени, дел од локалните самоуправи и понатаму реагираат негативно кон намерата за отворање рудници низ земјава. Општина Гевгелија денеска реагираше по повод одлуката на Уставниот суд за поништување на референдумот изјаснување на граѓаните во однос на отворањето рудници за металични минерални суровини. Овој референдум беше организиран во 2017 година и истиот беше успешен, а мнозинството граѓани се спротивставија на новите рудници во нивната општина. „Треба да ни биде јасно дека никој не може да порекне дека локалниот референдум, сепак, се одржа на 23 април 2017 година и дека истиот испрати јасна порака, која ни создава политичка и морална одговорност“, изјави денеска гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков.