„Скопски пазар“ доцни со изведбата на првата фаза од реконструкцијата на Бит – пазар. Градежно – занаетчиските работи од почетната етапа требаше да бидат завршени уште во текот на изминатото лето, додека пазарџиите беше планирано да ги заземат новите тезги во есенските месеци. Наместо досега да се завршат неколку фази, во моментов сè уште се изведува првичната етапа од проектот. На терен може да се забележи дека е подигната конструкцијата на новиот објект, но за негово комплетирање треба допрва да се довршат надворешните ѕидови и финалното ентериерно уредување на пазарот.
„Билд“ до „Скопски пазар“ упати неколку прашања во врска со реконструкцијата на Бит – пазар, но од нивна страна не добивме одговори за динамиката со која ќе се одвиваат градежно – занаетчиските работи во претстојниот период. Компанијата лани информираше дека целокупниот проект ќе се реализира во четири фази, при што сите активности требаше да завршат за максимум 14 месеци. По девет месеци од ваквото ветување, во реалноста не е завршена ниту првичната фаза од проектот.
Лути на бавната реконструкција на Бит – пазар се и пазарџиите, кои со месеци наназад работат во субстандардни услови, а дел од нив се преместени на нова локација поради тоа што два сектора од пазарчето се целосно затворени со тековните градежни работи. Пазарџиите бараат да се завршат што побрзо ветените активности за реализација на проектот, кој би овозможил покривање на пазарот и современи услови за работа, но и решавање на проблемот со паркирањето.
„Скопски пазар“ вети дека со тековниот проект ќе се изврши покривање на Бит – пазар, изведба на паркинг со капацитет од 230 возила и поставување на 1.000 нови тезги за непречено работење на пазарџиите. Дополнително, за проширување на трговската дејност е предвидена доградба на нов деловен простор со површина од 600 метри квадратни.