Претходна статија
Најпопуларните објави во 2018
Следна статија
Поништен тендерот за изградба на водовод во индустриската зона Визбегово

ТЕМА: Скопје трета година по ред ќе остане без забавен парк за најмладите

Објавено на 02.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Некогашниот Луна парк од 70-тите години на минатиот век се сруши во 2016 година, а Градот Скопје веќе трета година по ред не успева да изгради нов забавен парк за најмладите жители на главниот град. Градските власти постојано си играат пинг-понг со идеите околу завршувањето на омиленото катче за дечиња, додека во реалноста во Градскиот парк единствено е изграден грд „барокен“ столб што наликува на квази проектот „Скопје 2014“. Наместо одговори на поставените прашања од „Билд“, актуелното градско раководство во други медиуми ветува дека во 2019 година овој зафат ќе се реализира по нов целосно нов проект.

 

 

Градските власти во текот на минатата година во два наврати го сменија концептот за финансирање на доградбата на Луна паркот – градоначалникот Петре Шилегов пролетта најпрво вети дека забавниот парк ќе се даде под концесија, така што приватниот партнер би инвестирал во довршување на милионскиот проект. Сепак, веќе во декември 2018 година, Градот Скопје во својот буџет за 2019 година го вметна и проектот за довршување на забавниот парк со сопствени средства.

 

Во меѓувреме, додека градската администрација го менува начинот на финансирање на проектот, на терен, во Градскиот парк никнува „барокна“ капија што ќе служи како влез во идниот парк. Неа ја гради струмичката фирма „Жикол“, која што во август 2016 година го склучи договорот со претходното градско раководство за изведба на градежниот дел од Луна паркот. Тогашниот договор од над 1,6 милиони евра подразбира изведба на сите инфраструктурни приклучоци за идниот парк, неопходните простории за вработените, пешачките патеки, осветлувањето, главната капија и оградата на паркот.

 

 

По две и пол години, Градскиот парк во Скопје доби единствено заграден простор со кал, дупки, античка капија, недовршени објекти и полуизградени пешачки патеки. Контроверзите околу изведбата на Луна паркот во Скопје започнаа уште со самиот почеток на изведбата на идниот парк со реквизити за забава на најмладите. Првонаградениот архитектонски труд избран на конкурс во јуни 2015 година беше јавно презентиран од неговите автори – Климент Патчев, Филип Конески, Борис Јурмовски, Марјан Димиќ и Борко Георгиев. Сепак, победничкиот идеен проект беше модификуван од Градот Скопје, за веќе во 2016 година да се појават критики дека тогашната власт планира да изведе забавен парк што ќе наликува на „Скопје 2014“.

 

 

Порталот „Билд.мк“ во два наврати во текот на изминатиот месец упати прашања до Градот Скопје во врска со овој проект. Одговори на нашите прашања не добивме, но во изјава на Градот Скопје за порталот „СДК.МК“ се вели дека со овогодинешниот градски буџет се планирани 1,3 милиони евра за изработка на нов проект, набавка на реквизити и довршување на градежниот дел од паркот. Останува нејасно колку ќе чинат промените во градежниот дел од проектот, бидејќи постојната „барокна“ капија ќе треба да се сруши, или, пак, да се преадаптира во согласност со новоизработениот проект.

 

Новиот забавен парк во Скопје беше предвидено да чини 6,5 милиони евра во согласност со првичниот проект. Неговата изведба подразбираше поставување на 26 реквизити за возење и забава, меѓу кои и два адреналински, шест семејни и 18 детски реквизити. Претходната градска администрација потпиша и договор за набавка на првите седум реквизити во вредност од над 2,1 милион евра, но останува неодговорено прашањето од Град Скопје што се случува со нивното доставување и монтажа во Градскиот парк.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk