Градот Скопје работи на оформување на нов парк во скопската населба Драчево. Станува збор за површина од околу 5.500 метри квадратни, која што во минатото беше дива депонија. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска го посети местото каде што во моментов се подига нова парковска површина. Тој напомена дека само од оваа локација биле собрани 5.000 кубни метри отпад. Наместо ѓубре, во моментов се изведуваат пешачки патеки и хортикултурно се уредува целокупниот простор.
*Извор на фотографија: Град Скопје
„Просторот кај последната постојка на автобусот со број 41 хортикултурно го уредуваме. На оваа локација се засадија 200 висококвалитетни садници, а дополнително ќе биде поставена нова хидрантска мрежа во должина од 800 метри со 85 прскалки и 13 шахти и хидранти. Во паркот ќе се постават и нови клупи и корпи за отпадоци“, изјави градоначалникот Шилегов. Тој дополни дека граѓаните од оваа скопска населба со овој проект ќе добијат нова локација за одмор и рекреација.