Општина Велес денеска распиша оглас за продажба на 15 градежни парцели за изградба на индустриски објекти, викенд – куќи и хотелски комплекс. Во индустриската зона „Мамутчево“ се нудат седум локации со површина од 8.124 до 104.265 метри квадратни за изградба на фабрички погони од лесната и незагадувачка индустрија. Огласеното земјиште со вкупна големина од над 220 хектари се продава по почетна цена од 61 денари за метар квадратен, додека електронската лицитација за негово отуѓување ќе се одржи на 16 јануари 2019 година.
На заинтересираните инвеститори им се нуди земјиште од 10.659 метри квадратни крај велешкото езеро „Младост“ за изградба на хотелски комплекс со приземје и три ката. Вредноста на ова земјиште е проценета на 283 денари за метар квадратен, што претставува почетна цена на електронското јавно наддавање закажано за 17 јануари. Истиот ден ќе бидат отуѓени и седум локации за изградба на викенд – куќи во Башино Село и Новачани. Почетната цена на ова градежно земјиште изнесува 283 денари за метар квадратен.