Општина Гази Баба ја започна изградбата на новата зграда на детска градинка „25 Мај“ во скопското село Стајковци. Во објектот со површина од 1.230 метри квадратни ќе можат да се згрижат околу 140 деца. Градинката ќе се состои од шест занимални за деца од две до шест години и една група јасли за деца до две години. На денешното отпочнување на градежните работи присуствуваа градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
*Извор на фотографија: Министерство за труд и социјална политика
Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, градинката во Стајковци ќе биде изградена до октомври 2019 година. Вредноста на проектот е во висина од 30 милиони денари. Тендерската постапка за избор на најповолен понудувач беше објавена кон крајот на октомври.