Претходна статија
Куманово ќе добие 20 милиони денари од владата за развој на индустриската зона
Следна статија
По три години пауза, Град Скопје повторно ја актуелизира идејата за изградба на трамвај

Само една компанија поднела барање за закуп на земјиштето во скопската железарница

Објавено на 26.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

И по две и пол недели од одржаното електронско јавно наддавање, од скопската општина Гази Баба не ја откриваат компанијата што сака да го закупи земјиштето од 66.996 метри квадратни во кругот на скопската железарница. Општинските власти информираат дека била доставена само една електронска пријава за одржаното електронско јавно наддавање за давање под закуп на парцелата во наредните 99 години. И покрај нашето инсистирање во испратениот прашалник, од општина Гази Баба не откриваат ниту која е цената што е постигната за давање под закуп на градежното земјиште, на кое ќе може да се гради тешка и загадувачка индустрија до 51% од површината на идниот објект.

 

 

„Постапката по електронско наддавање на државно градежно земјиште во склоп на скопската железарница е сè уште во тек во согласност со Законот за градежно земјиште“, информираат од општина Гази Баба. Електронското јавно наддавање за давање под закуп на градежно земјиште во склоп на скопската железарница се одржа 7 декември годинава. Почетната цена на огласеното земјиште изнесуваше 3.05 денари за метар квадратен, односно минимум 204.337 денари годишно би ѝ плаќал инвеститорот на општина Гази Баба за закупеното земјиште.

 

И покрај тоа што ова прашање е од голем интерес за граѓаните, непознатиот инвеститор засега не излегол пред македонските медиуми за да информира подетално околу идниот објект што е планирано да се гради во кругот на скопската железарница. Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски во два наврати изјави дека нема да се гради нова фабрика за тешка индустрија на оваа локација. Сепак, никој не одговара детално за тоа што е предвидено да се гради на оваа локација.

 

Порталот „Билд“ го постави следново прашање до општина Гази Баба: „Ќе си дозволи ли општина Гази Баба да издаде одобрение за градење на нов објект од тешката и загадувачка индустрија доколку инвеститорот се одлучи да побара реализација на една ваква намера?“. Без да дадат подетални информации околу намерите на инвеститорот, од општина Гази Баба кратко одговараат на нашето прашање: „Одобрение за градба се издава согласно законските одредби на Законот за градење.“

 

Деталниот урбанистички план за градската четврт С 17 блок 1, донесен од Советот на општина Гази Баба во март 2017 година, ја дава можноста да се издигне објект со максимална развиена површина од 70.346 метри квадратни, при што 51% од неговата површина е со намена Г1 – тешка и загадувачка индустрија, додека преостанатите 49% од вкупната површина имаат компатибилни класи на намена – Д1, Д2, Б4, В2, Г2, Г3 и Г4.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk