По извршената санација на делниците Петровец – Миладиновци, Катланово – Петровец и Кадино – Хиподром, Јавното претпријатие за државни патишта се подготвува догодина да ги реконструира и останатите автопати од источниот излез на Скопје. Со распишаниот тендер вреден околу 18 милиони денари е предвидено да се изработат проекти за рехабилитација на трасите меѓу Хиподром и Миладиновци, меѓу Миладиновци и Петровец, како и меѓу Петровец и Хиподром. Овие делови од автопатот на територијата на општините Илинден и Петровец со години имаат најголема фреквенција на возила во македонската патна мрежа, која што довела до оштетувања на коловозот.
Идниот проектант ќе има рок од 6 месеци од денот на потпишувањето на договорот за да ја изготви неопходната документација за сите три делници. Заинтересираните фирми имаат можност да ги поднесат своите понуди до средината на февруари 2019 година. Доколку се одвива целокупната постапка со посакуваната динамика, тогаш проектите за реконструкција на автопатските делници Хиподром – Миладиновци, Миладиновци – Петровец и Петровец – Хиподром ќе бидат готови најдоцна до крајот на следното лето. Со изработката на проектната документација ќе се создаде можност за отпочнување на санацијата на коловозот на овие автопати веќе кон крајот на 2019 година.