Откако го поништи првичниот повик, Град Скопје се одлучи да го објави вториот по ред тендер за изработка на основен проект за ентериерно уредување на идната Градска куќа под Скопското Кале. Проектирањето треба да следи пред финалното внатрешно уредување на канцеларискиот простор во објектот, кој уште пред повеќе од една и пол година го доби својот надворешен неокласицистички лик. Основниот проект е проценето дека ќе го чини градскиот буџет околу 1,4 милиони денари. На почетокот од јануари ќе се знае проектантот што ќе го подготви основниот проект, кој ќе треба да се заврши во рок од 30 работни дена.
Градската куќа е планирано да се пушти во употреба во текот на 2019 година, при што со неа ќе се обезбеди работен простор за 400-410 лица од службите на Град Скопје. Преселбата на вработените од дотраените бараки во Градскиот парк во новиот објект крај реката Вардар се одолговлекува веќе подолг временски период, а главната причина за тоа е недовршеното внатрешно уредување на зградата. Во новиот објект ќе биде сместен и кабинетот на Градоначалникот на Град Скопје, но и општинската сала во која ќе заседава Советот на град Скопје.
За неокласицистичкото административно здание од градскиот буџет досега се издвоија над 17 милиони евра. Објектот ќе има сопствен подземен паркинг со капацитет од 170 возила. Изградбата на скопската Градска куќа започна во јуни 2011 година, а првичните најави на претходната власт беа дека отворањето на објектот ќе се изврши најдоцна до 2015 година.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk