Македонскиот главен град добива нов светски бренд на хотели во својата понуда. На крајот од годинава ќе пристигнат првите гости во новиот хотел „Double Tree by Hilton“ во населбата Аеродром. Можноста за резервација на хотелски соби веќе се нуди на Интернет, а во рамките на самиот објект привршуваат последните подготовки за дочек на првите гости. Овој хотел на своите гости ќе им понуди сместување во 170 соби, вклучувајќи и 15 апартмани. Сместувањето со пет ѕвезди е надополнето со центрите „Euphoria Wellness Spa“ и „Life Fitness“, кои со својата површина од 1.400 метри квадратни ќе понудат соби за масажа, парна бања, сауна, турска бања, џакузи и внатрешен базен.
Новиот хотел располага со седум конференциски сали, од кои најголемата ќе има капацитет да прими над 800 гости, фитнес – центар, како и панорамски ресторан на последниот кат од објектот. Обезбеден е сопствен паркинг и сопствен шатл-сервис за превоз на гостите кон центарот на Скопје.
Хотелот „Double Tree by Hilton“ е проектиран од студиото „Метекс Дизајн“ од Турција, кои се специјализирани за проектирање на хотелски капацитети од висока категорија. Објектот започна да се гради во 2013 година, а тогашното ветување беше дека во него ќе се инвестираат 30 милиони евра. Светски познатиот бренд „Хилтон“ тогаш го потпиша договорот за франшиза со „Стоун бриџ хотел“ од Скопје, кои се јавуваат како инвеститор во најновиот скопски хотел со пет ѕвезди.