Со владина иницијатива отпочнуваат подготвителните работи за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Капиталниот проект вреден 120 милиони евра ќе треба да го реши проблемот со загадувањето на водите во Скопскиот регион, при што владата веќе си даде задача за почетокот на градежните работи на објектот до 2020 година. Во меѓувреме, општина Гази Баба доби препорака од владата да ги донесе во најкус можен рок деталните урбанистички планови за локацијата во селото Трубарево, каде што е предвидено да се гради идната пречистителна станица за отпадни води.
*Наместо да се сливаат директно во Вардар, скопските отпадни води во иднина најпрво ќе се прочистуваат во пречистителната станица
По изработката на урбанистичките планови, Градот Скопје ќе може да ја отпочне процедурата за решавање на имотно – правните односи околу земјиштето, како и да го дефинира пристапниот пат до идната пречистителна станица. Вакви слични објекти веќе се изградени на реките Треска и Лепенец во населбите Волково и Сарај, но со идната пречистителна станица треба да биде опфатен преостанатиот дел од отпадните води што ги продуцираат скопските домаќинства. Како што информираат од владината прес – служба, министрите на вчерашната 110 – та седница ја усвоиле информацијата за текот и прогресот на активностите во врска со проектот за изградба на централна пречистителна станица за Град Скопје во Трубарево.
Француската консултантска фирма „ЕЖИС“ е ангажирана на изработката на студијата за финансирање, изградба и работа на планираниот инфраструктурен објект. Во функција на создавање предуслови за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје, веќе неколку месеци се работи на изградба на колектори на левиот и десниот брег на реката Вардар, чија вкупна должина изнесува 7,9 километри. Наместо да ги сливаат директно во реката Вардар, овие два колектора ќе ги пренасочуваат отпадните води од скопските домаќинства до новата пречистителна станица за отпадни води.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk