Претходна статија
Почнува постапката за изработка на нов ГУП за Велес
Следна статија
Охрид се подготвува Студенчишко блато да го прогласи за заштитено подрачје

Косово планира да ја активира пругата од Коридор 10 на својата територија

Објавено на 18.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Кон крајот на јануари 2019 година ќе започнат тендерските постапки за избор на компании што ќе ја рехабилитираат пругата од Коридорот 10 на косовска територија. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја објави информацијата дека проектот вреден 220 милиони евра влегува во фазата на доставување понуди од компаниите, за која претходно ќе следува распишување на меѓународни тендери. Железничката инфраструктура на Косово во моментов делумно функционира, а голем губитник од целокупната ситуација се Македонските железници.

 

 

На територијата на Република Косово е функционална пругата од Хани Елезит (Генерал Јанковиќ) до Приштина, на која се движат патнички и товарни возови на Косовските железници и чија рехабилитација веќе е во тек. На пругата меѓу Приштина и Косовска Митровица веќе подолг период не се одржува редовен железнички сообраќај, додека на трасата од северниот дел на Косовска Митровица до границата со Србија сообраќаат возови на српската државна компанија „Србија воз“. Како резултат на ова, алтернативната траса на пругата Табановце – Ниш е нефункционална, а најголеми загуби од тоа има Косово, но и Република Македонија.

 

Проектот за рехабилитација на пругата од Коридор 10 низ косовска територија е финансиран од ЕБОР со 39,5 милиони евра, Европската инвестициона банка учествува со 52,9 милиони евра, Европската Унија со 79,8 милиони евра, додека Косово е обврзано да обезбеди 48,2 милиони евра. Првата фаза од реконструкцијата на железничката пруга меѓу Приштина и косовско – македонската граница е веќе започната со реализација. Втората етапа од проектот треба допрва да почне, а со неа е планирано да се обнови и стави во употреба пругата меѓу Косово Поле и Косовска Митровица. Дури во последната фаза ќе се рехабилитира трасата меѓу Косовска Митровица и косовско – српската граница.

 

Обновата на пругата од Коридорот 10 низ косовска територија ќе има големо инфраструктурно, но и политичко значење за регионот на Западен Балкан. Нејзината реализација ќе изискува соработка меѓу соседните земји Косово и Србија на овој проект, при што на официјално Скопје овој проект ќе му донесе пократка железничка траса до пристаништето во Бар.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk