Битолската фирма „Иванов инженеринг“ ќе го изработува новиот Генерален урбанистички план за Велес. По четири неуспешни тендери, велешките општински власти конечно склучија договор за изготвување на документацијата што ќе опфати површина од 1.600 хектари од градот и неговата непосредна околина. Новиот ГУП за Велес ќе се подготви во три фази што ќе траат вкупно 230 работни дена. За извршените проектантски услуги треба да се исплатат над 3,2 милиони денари од општинската каса. Плановите на локалните власти беа изработката на ГУП – от да започне годинава, но поништените тендери и малиот интерес на проектантите доведоа до одложување на неговата изработка.
Во првата фаза од изготвувањето на Генералниот урбанистички план, проектантската фирма најпрво ќе треба да ја заврши планската програма. Во следната етапа ќе следува комплетираниот Нацрт ГУП за Велес, додека краен резултат од третата фаза ќе биде Предлог ГУП – от, којшто би се работел по добивањето на Извештајот за корекциите во нацрт планот. Времетраењето на потпишаниот договор со „Иванов инженеринг“ е три години, се наведува во објавениот договор на Електронскиот систем за јавни набавки.