Претходна статија
Македонија го доби грантот од 68,6 милиони евра за пругата кон Бугарија
Следна статија
Изложбата „Иднината како проект/Доксијадис во Скопје“ во музејот Бенаки во Атина

И Велес догодина ќе ги изготви проектите за гасификација

Објавено на 17.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Општина Велес следна година ќе ги изработи проектите за гасификација на градот, со што ќе се создадат предуслови за доведување на природниот гас до фабриките и до домаќинствата. Велешката локална самоуправа во претстојните месеци ќе ги изготви основниот проект и инфраструктурниот проект за изградба на примарна и секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа со должина од 19,3 километри. Од општинскиот буџет за подготовка на проектите се издвоени околу 4,1 милиони денари, додека на нивната реализација ќе работат проектантите од „Геинг КуК“ и „Евро Консалтинг“ од Скопје.

 

Доколку навремено се изготви целокупната документација, тогаш Велес веќе во 2019 година ќе биде подготвен за гасификација на самиот град. Единствен проблем е што за Велес во моментов не постои прецизен план од централната власт за тоа кога би можел градот да се приклучи на националната гасоводна мрежа. Веќе изградената гасоводна линија Клечовце – Штип го одминува Велес, а ниту со тековната изградба на гасоводот Штип – Неготино не е предвидено трасирање на гасоводни цевки кон Велес. Како резултат на тоа, во претстојниот период ќе треба да се гради посебен крак од постојниот гасовод, со што ќе се овозможи стопанствениците и граѓаните од Велес да го користат природниот гас во секојдневието.