Советот на општина Центар го продолжи мораториумот за градење на територијата на оваа општина до 30 април 2019 година. Одлуката, која што за прв пат беше донесена пред една година, ќе продолжи да се применува, при што запирањето на спроведувањето на урбанистичките планови се однесува на 31 ДУП. Овие планови се враќаат на повторна доработка, а истовремено се забранува издавање на одобренија за градење на територијата на оваа општина, со што ќе се воведе ред во урбанистичкото планирање и ќе се придонесе кон намалување на загадувањето на околина и на воздухот.
Паралелно со ваквиот потег на општинските власти, тимот за евалуација на ДУП – овите при општина Центар непречено работи на разгледување на урбанистичките планови, при што досега се евалуирани ДУП – овите Крњево 2, Пресвета Богородица, Маџир Маало 2, Мирче Мацан, Ново Маало, Населба Пролет, Даре Џамбаз, Голем Ринг – Јужен дел, Клинички центар и Тасино чешмиче 1 и 2 и се изготвени соодветни извештаи за нив.