Претходна статија
Исцрпени субвенциите за печки на пелети на Министерството за економија
Следна статија
Со инвестиција од 50 милиони евра се продолжува животниот век на рудникот „Бучим“

Гостивар ќе работи на идеен проект за гасификација на градот

Објавено на 13.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Општина Гостивар догодина ќе изготвува идеен проект за изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа во градот. Локалните власти денеска распишаа оглас за изработка на документацијата за гасоводна мрежа со должина од околу 19 километри. Гасификацијата на Гостивар ќе опфати изградба на главни кракови на гасоводен систем, изградба на споредба мрежа на гасоводен систем, како и помошните инфраструктурни објекти на трасата. Идејниот проект ќе се изработи во рок од 5 месеци од воведувањето на проектантот во работа, а најповолниот понудувач за извршување на проектантските активности ќе се знае во јануари 2019 година.

 

*Од изведбата на секундарната дистрибутивна гасоводна мрежа во Струмица

 

Локалните власти во тендерската документација ја оставаат и можноста да се изведе т.н. виртуелен гасовод во првичната фаза, доколку доцни изведбата на магистралниот гасовод. Во тој случај, би се извела станица за компримиран природен гас по принципот што веќе се користи во Струмица. Сепак, општинските власти од Гостивар очекуваат магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар да биде завршен до крајот на 2020 година, а првите количества на гас да протечат веќе во 2021 година. Градот ќе биде приклучен на сопствена Главна мерно регулациска станица, по што природниот гас преку дистрибутивната мрежа ќе се дистрибуира до индустриските објекти и до домаќинствата.