Демократската обнова на Македонија (ДОМ) е разочарана што Министерството за финансии не ги прифатило нивните амандмани за доделување на дополнителни 34 милиони евра од државниот буџет за 2019 година за спроведување на мерки за почист воздух, за колекторот на Охридското езеро и за пречистителна станица за Дојранското езеро. Од партијата на зелените потенцираат дека во моментов во ставката „Програма за намалување на аерозагадувањето“ се издвоени само 1,6 милиони евра за наредната година.
„Упатуваме апел до Владата, да ги уважи аргументите на екологистите и да излезе во пресрет на барањата на граѓаните за пристоен буџет за ефикасна борба со загадувањето. Бараме да ја искористи можноста за последна интервенција во Буџетот пред неговото носење на пленарна седница“ велат од ДОМ, која е дел од партиите што припаѓаат на владејачката коалиција во македонскиот Парламент.