Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) непречено работи на изградбата на Телекомуникациската кула на Водна, која се очекува да се пушти до употреба најдоцна до 30 декември 2020 година. Од АЕК велат дека никогаш не престанала изградбата на Антенскиот систем за контрола и мониторинг на радиофреквенции, ниту пак постоеле индиции за да прекине изведбата на истиот објект. Вредноста на зданието високо 155 метри е 1.084.000.000 денари, односно околу 17,6 милиони евра.
*Архивска фотографија од изградбата на бетонската конструкција на Антенскиот столб на Водно
Како што информираат за „Билд“ од АЕК, во досегашната фаза на изведба се потрошени околу 43% од средствата предвидени за изградба на Телекомуникациската кула. Во однос на опремата, таму ќе биде инсталирана различна опрема од повеќе институции, но таа не е предмет на набавка со договорот склучен со изведувачот „Гранит“ од Скопје. Нивната оператива во следниот период ќе работи на изведба на челичната конструкција на платформите и „роговите“ од Антенскиот столб, а ќе се одвиваат и градежно – занаетчиски работи за затварање и оформување на просторот на платформите. Допрва ќе се изведуваат машинските инсталации на платформите, енергетскиот блок, хидро станицата и партерното уредување околу ова здание лоцирано на врвот на планината Водно.
Македонската влада во јануари годинава побара од АЕК да изработи детална анализа за оправданоста на изградбата на Телекомуникациската кула на Водно. Од агенцијата велат дека одговориле на владиното барање со документ од околу 150 страници во кои со доказници се образложува потребата од еден ваков објект. Од АЕК посочуваат дека непречено ќе се работи на довршување на изградбата на ова здание во наредниот период. Камен – темелникот за изградба на Телекомуникациската кула на Водно беше поставен во октомври 2013 година.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk