Претходна статија
Новата населба Хиподром 2 ќе добие водоводна и канализациона мрежа
Следна статија
Државата не знае кога ќе го гради експресниот пат Тетово-Јажинце

Зданијата на Модерната во Скопје изумираат како диносауруси

Објавено на 03.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Архитектонската изложба „Загрозени видови“ на авторите Јован Ивановски, Ана Ивановска-Дескова и Владимир Десков е најновиот истражувачки проект што укажува на проблемот со зачувувањето на архитектонското наследство на Модерната во македонскиот главен град. Изложбената поставка може да се разгледа во просториите на Природнонаучниот музеј до 11 декември, а свеченоста за нејзиното отворање се одржа изминатиов петок. На посетителите им се нуди несекојдневна можност да се запознаат со најзначајните градби од архитектонското наследство на Скопје од втората половина на дваесеттиот век.

 

 

„Овие градби, изградени пред повеќе од половина век, денес опстојуваат во сложени услови, загрозени од своите внатрешни слабости, природното стареење на структурата и материјалите, програмската надминатост, но и политичките и идеолошките промени, јавното непрепознавање и сл. Преку изборот на карактеристични архитектонски „примероци“, истражувањето има за цел да укаже на вредностите на овие градби и на нивната состојба, на степенот на загрозеност и главните причини кои водат до него“ велат авторите на оваа изложба.

 

Тројцата автори со намера го избираат Природнонаучниот музеј како локација за одржување на изложбата. Како прво, самата зграда и вредна збирка на овој музеј претставува подзаборавен, но вреден архитектонски артефакт. Оттука, овој објект е вклучен со презентирана макета во самата изложба, заедно со Архивот на Град Скопје, Скопскиот саем, Студенскиот дом „Гоце Делчев“ и ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“. Втората намера на авторите со изборот на локацијата е да асоцираат на многу актуелниот факт дека скопските модернистички зданија постануваат загрозени субјекти исто како и биолошките видови што се наоѓаат во изложената колекција на Природнонаучниот музеј.

 

 

Авторите на изложбата „Загрозени видови“ посочуваат дека имаат за цел да укажат на вредностите на самите архитектонски зданија, на лошата состојба во која се наоѓаат тие, како и на степенот на загрозеност и на главните причини кои водат до него. „Истражувачкиот проект „Загрозени видови“ може да се сфати како еден вид на „експериментална заштита“ – делување кое се наоѓа на работ на она што може да се смета за востановена методологија и практика во рамки на заштитата“ оценуваат тројцата автори.