Претходна статија
РЕПОРТАЖА: Рапидниот развој на метрото во Софија
Следна статија
Повеќе стока превезена со камиони, возови и авиони во третиот квартал

Втор јавен повик за субвенции за купување печки на пелети

Објавено на 26.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Министерството за економија денеска го објави вториот јавен оглас за надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети во домаќинствата за 2018 година. „Со Ребалансот на буџетот, Министерството за економија побара и доби дополнителни средства во износ од 7.000.000 денари“ изјави министерот за економија Крешник Бектеши. Право на учество на овој оглас имаат граѓаните што купиле печки за греење на пелети во периодот од 1 септември до 12 декември 2018 година. Доделувањето на субвенциите ќе се одвива по принципот „прв дојден – прв услужен“, така што огласот ќе трае сѐ до исцрпување на предвидените средства за оваа намена.

 

Со обезбедените дополнителни финансии од државниот буџет ќе се обезбеди поврат на средства во висина од 50%, но не повеќе од 500 евра по домаќинство. Пресметките говорат дека со оваа мерка ќе се субвенционираат околу 220 – 230 домаќинства. Услов е купувачите досега да не користеле средства од државниот буџет за купување печки на пелети, што се докажува со изјава заверена на нотар. Заедно со неа, неопходно е да се достави пополнето барање, доказ за извршено купување (фискална сметка или фактура), фотокопија од лична карта и податоци за трансакциска сметка.

 

Министерот Бектеши денеска напомена дека со двата јавни повика годинава ќе се доделат субвенции во износ од 21 милион денари. Притоа, податоците покажуваат дека трошоците за купување на печки на пелети ќе им бидат делумно надоместени на над 670 домаќинства.