На 25 ноември (недела), со почеток од 12 часот, во Железничката зграда во Скопје ќе се изведе перформансот „Кога зградите би зборувале“. Станува збор за продолжување на процесот на првата фаза од истражувачкиот проект кој премиерно беше изведен минатата година во рамки на Младинскиот Отворен Театар и на ПОП АП АКТО АКЦИЈА фестивалот за современа уметност. Во оваа, втора фаза на проектот, организаторите продолжуваат преку различни партиципативни методи, да соработуваат активно со станарите и поширокиот граѓански сектор во анимирање на овој јавен напуштен простор.
Проектот е мултидисциплинарен и подразбира истражувачки процес обликуван во форма на перформанс на уметникот Филип Јовановски и во соработка со архитектот истражувач Дејан Ивановски и куриран од Ивана Васева. Перформансот може да биде проследен од само 36 лица, така што заинтересираните граѓани се молат да го пријават своето учество на настанот преку organizationfru@gmail.com.
Перформансот „Кога зградите би зборувале“ е дел од проектот „Активни простори на заедницата за граѓански промени“ кој го имплементира Факултет за работи што не се учат, поддржан од Проект на УСАИД за граѓанско учество, а е во рамки на годишната програма за култура на Град Скопје. Идејата на перформансот е да ги разоткрие деликатните, скриени траги од бришењето на колективната меморија на локалната историја, сето тоа прикажано преку конкретен пример на Железничката зграда, која е изградена кон крајот на 40 – тите години на минатиот век.