Претходна статија
ИНТЕРВЈУ со Даница Павловска: Модернистичките објекти од Скопје да се стават под режим на заштита
Следна статија
Перформансот „Кога зградите би зборувале“ в недела во Железничката зграда

Ќе се бара приватен партнер за работењето на ПЕТ Центарот

Објавено на 23.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Министерството за здравство ќе изработи физибилити студија за анализа на можностите за изнаоѓање најдобар модел за искористување на капацитетите кои ги нуди ПЕТ Центарот во Скопје. И покрај тоа што беше отворен пред само две години, од надлежното министерство веќе утврдиле серија од проблеми што го спречуваат успешното функционирање на овој институт, за кој од државниот буџет се издвоија дури 16 милиони евра за неговата изградба и опремување.

 

Министерството утврдило дека институтот се соочува со недостиг од соодветен кадар, неодржување на самиот објект, поминат гарантен рок на најсовремената опрема, неосигуреност на објектот, но и проблем со редовната набавка на потрошниот материјал. И покрај тоа што е единствен центар во регионот за производство на краткоживечки изотопи и радиофармацевтски препарати за дијагностика и терапија и оддел за дијагностика, ПЕТ Центарот денеска не е во можност да работи со својот полн капацитет.

 

Од овие причини, Министерството за здравство сака да утврди дали постои можност овој центар да се понуди на јавно – приватно партнерство, со што приватен концесионер би го разработил здравственото здание лоцирано до болницата „8 – ми Септември“. Заедно со препораки за физибилити студијата, идниот консултант ќе треба да ја подготви и предлог тендерската документација за воспоставување на јавно – приватно партнерство. Планираната физибилити студија е предвидено да се изработи на почетокот од 2019 година, додека консултантската фирма што ќе работи на оваа задача ќе се избере во текот на следниот месец.

 

Центарот за позитронска емисиона томографија ПЕТ Центар беше изграден во 2016 година. Објектот со површина од 2.600 метри квадратни е лоциран во населбата Карпош 3. Лабораториската опрема е набавена од италијанската компанија Comecer S.P.A., додека останатата медицинска опрема е набавена од други европски производители.