Во ЕУ инфо центарот во Скопје на 27 ноември, со почеток од 10 часот, ќе се одржи семинарот „Скопје наспроти предизвиците на животната средина“. На настанот ќе учествуваат домашни и француски експерти, меѓу кои и Мишел Лари – Шарлис, директорка на Бордо Метропола 2050 и Софи Муктар, од асоцијацијата Airparif за чистотата на воздухот во регионот Ил – де – Франс. Истиот ден, во Кинотека на Македонија, со почеток од 18 часот, ќе се одржи проекција на документарниот филм „Последните денови во Шибати“.
„Скопје како главен град страда од вообичаените проблеми за големите градови: големо загадување во зимскиот период, густ сообраќај, непрекинато никнување на нови градби, ширење на градот, недоволно присуство на обновливи извори енергија… Како да се решат овие бројни проблеми и да се изгради град на утрешнината?“ се наведува во краткиот опис на претстојниот семинар, којшто се оддржува со поддршка на Фондот д’Аламбер и Францускиот институт во Париз.