Комбинатот „Југохром“ ќе добие дополнителна финансиска помош од владата за да го доврши поставувањето на филтерската постројка за отпрашување и да почне да работи. Извршната власт на денешната седница ја задолжила Македонската банка за поддршка на развојот да склучи договор за кредит со сопственикот на овој металуршки комбинат. Од Посебниот кредитен фонд ќе се издвојат 92.242.500 денари за изградба на филтрите што ќе го спречат загадувањето од фабриката. Индустрискиот гигант во моментов не работи, бидејќи не може да добие А – интегрирана еколошка дозвола за работа.
Најавите на инвеститорот беа дека „Југохром“ до ноември годинава ќе го заврши поставувањето на филтрите за отпрашување на блоковите 7 и 8, за што поддршка добија од владата преку заем од Македонската банка за поддршка на развојот. За реализација на оваа фаза е неопходно да се издвојат 4.170.000 евра, по што ќе се овозможи комбинатот „Југохром“ да се рестартира, а вработените да се вратат на своите работни места. За остварување на финансиската помош за „Југохром“ пред една година беше потпишан и меморандум за соработка меѓу владата, синдикатот и раководството на овој комбинат.