Комплетно нов објект на хируршкиот Ургентен центар при Општата болница во Куманово наскоро ќе биде пуштен во употреба. Деновиве привршуваат градежните работи врз новиот објект со површина од околу 600 метри квадратни, во кои се инвестирани околу 40 милиони денари. Во новите простории ќе бидат сместени итната хируршка амбуланта, ортопедска и анестезиолошка амбуланта, компјутерска томографија и ЕХО дијагностика.
*Извор на фотографија: Влада на Р.М.
Инвестицијата на Министерството за здравство ќе донесе голем бенефит за пациентите, земајќи го предвид фактот дека Општата болница Куманово покрива население од околу 200.000 жители. „За првпат се отвораат и во исто време активно ќе работат 5 хируршки сали“ вели д-р Методија Димковски, началник на одделот за хирургија во кумановската болница. Хируршкиот Ургентен центар во Куманово досега бил сместен во подрумски простории што биле 90 отсто помали од новоизградениот објект.