Одглавувањето на реализацијата на проектот за изградба на пругата меѓу Македонија и Бугарија ќе се случи догодина. Нашата земја годинава ќе остане на 8-те изградени километри од пругата Куманово – Бељаковце. Владата планира наредната година да издвои 3,4 милијарди денари за железничката инфраструктура, односно 44% повеќе во однос на годинешниов буџет. Сепак, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески веќе информираше дека ќе биде неопходно да се потпише анекс на договорот за изградба на првата фаза меѓу Куманово и Бељаковце.
*Недовршената втора фаза од пругата кон Бугарија меѓу Бељаковце и Крива Паланка
Германската фирма „Вибе“ ја започна изградбата на едноколосечната пруга од 31 километар во март 2014 година. Наместо да биде готова до 2016 година, државата во изминатиов период се занимава со решавање на проблемите околу експропријацијата на земјиштето меѓу Куманово и Бељаковце. Министерот Сугарески вети дека оваа фаза од изградбата на пругата кон Бугарија ќе биде завршена за 16 месеци, што ќе биде утврдено во претстојниот анекс на договорот.
Во меѓувреме, во јули годинава започна тендерската постапка за втората делница од Бељаковце до Крива Паланка. Владините проценки се оптимистички, најавувајќи дека пругата долга 35 километри би била изградена до 2021 година. За железничкото поврзување од втората фаза веќе се обезбедени средства од 145 милиони евра, а Европската Унија ни даде неповратни средства во висина од 70 милиони евра. Од заинтересираните компании веќе се пристигнати понудите за изградбата на оваа делница, по завршувањето претквалификациската фаза во септември годинава.
Одолговлекувањето на втората фаза од пругата кон Бугарија е поради поништувањето на првичниот тендер за реализација на проектот. Од Македонски железници – Инфраструктура летово појаснија тендерот бил поништен поради недостаток на фирми кои ги исполнуваат условите пропишани за избор на изведувачот. Доколку се одвива целокупната тендерска постапка во најдобар ред, до крајот на 2019 година треба да започне изградбата на сегментот меѓу Бељаковце и Крива Паланка.