Постои ли опасност за натамошен пад на активноста на македонските градежни компании? Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во првите девет месеци од 2018 година биле договорени градежни работи на странските пазари во вредност од 1.207.941 илјади денари, што е за 40,3% помалку во споредба со идентичниот период лани. Преполовени се договорените зделки на пазарот во Босна и Херцеговина, којшто веќе неколку години наназад е главната точка на интерес на македонските градежници во странство.
Во периодот јануари – септември 2018 година, градежната оператива од Македонија во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 1.153.349 илјади денари, што е за 6% повеќе во однос на истиот период од претходната година. Во истиот период е забележан зголемен обем на извршените градежни работи на пазарите во Босна и Херцеговина, Холандија и Србија.