Претходна статија
Јапонците ја помагаат обновата и набавката на медицинска опрема за болниците
Следна статија
Новиот пешачки мост на Вардар се гради со забрзано темпо

Градежниците во нокдаун по минималната реализација на капиталните инвестиции

Објавено на 15.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Македонските градежни компании во 2018 година оствариле намалени приходи од работењето, а со тоа и се намалила добивката во однос на минатата година. Финансиските извештаи на градежниците за првите девет месеци од годинава се веќе објавени на веб – страницата на Македонската берза и кај ниту една компанија од градежниот сектор не може да се забележи подобрување во работењето. Ваквата стагнација е во голема мерка резултат и на намаленото остварување на капиталните инвестиции на владата, кои играат главен удел во градежните активности на оперативата во услови на отежнување на можностите за реализација на проекти на странските пазари.

 

 

Најлошо во моментов стои штипската градежна фирма „Бетон“, која што во периодот јануари – септември 2018 година успеала да прокнижи загуба од 14.595.000 денари од севкупното работење. За разлика од неа, скопски „Бетон“ во првите девет месеци од годинава успеал да оствари добивка од 8.346.000 денари, што е за речиси 3 милиони денари помалку во однос на идентичниот период лани. И кај двете градежни компании годинава се бележат намалени оперативни приходи од нивното работење.

 

Намалена добивка од досегашното работење е констатирана и во финансискиот извештај за компанијата „Карпош АД“ од Скопје. „Остварената нето добивка по оданочувањето за периодот 01.01 – 30.09.2018 година изнесува 1.165 илјади наспроти остварената нето добивка од 11.441 илјади денари истиот период претходната година“ се наведува во образложението кон финансискиот извештај за „Карпош АД“.

 

Уште еден показател дека работите во градежниот сектор годинава не се одвиваат во посакуваниот правец се и финансиските извештаи на најголемите македонски производители на градежни материјали. Слабата сезона на градежниците ги остави и нив со намалена добивка во споредба со 2017 година. Финансискиот извештај за „Адинг“ за првите девет месеци од работењето покажува остварен вкупен приход од 283.990 илјади денари, кој е помал од минатогодишниот за 7.400 илјади денари или за 2,5%. И покрај намалениот приход, оваа компанија успеала да оствари зголемена добивка за 64% во периодот јануари – септември 2018 година.

 

За над 85 милиони денари е намалена и вкупната добивка од работењето на Цементарница „Усје“ од Скопје, која минатогодишниот профит од 865.858 илјади денари го намалил на 778.826 илјади денари во првите девет месеци од годинава. Севкупните резултати од работењето на македонските градежни компании одат во прилог на статистичките показатели што укажуваат намалена градежна активност во изминативе три квартали, а која првенствено се должи на потфрлањето при реализацијата на капиталните инвестиции од македонската влада.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk