Владата од буџетот за 2019 година ќе издвои 98 милиони денари за спроведување на мерки за намалување на аерозагадувањето во земјава. Извршната власт денеска го усвои предлогот за план и мерки за утврдување Програма за намалување на аерозагадувањето. Воедно, македонската влада го утврди намалувањето на аерозагадувањето како стратешки приоритет за наредната година. Министерството за финансии ќе биде должно да ја вклопи Програмата за намалување на аерозагадувањето во предлог Буџетот на Република Македонија за 2019 година, информираат од владината прес – служба.
Сумата од 98 милиони денари претставува првичен износ во борбата против аерозагадувањето, бидејќи владата даде препорака да се обезбедат дополнителни средства за оваа програма што би се пронашле преку искористување на постоечките потенцијали од донаторската заедница. Ваквата владина одлука доаѓа по долготрајните реакции на македонската јавност во насока на решавање на проблемот со загадувањето на воздухот. Добиените резултати од мерните станици ги сместија македонските градови високо на листата на светски градови со најголемо аерозагадување.