Претходна статија
Екологистите бараат да не се гради нова тешка и загадувачка индустрија во Гази Баба
Следна статија
ЕБОР ја одобри набавката на 35 нови автобуси за ЈСП-Скопје

Опозицијата против, власта силно ги брани еколошките налепници за возилата

Објавено на 12.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

ВМРО – ДПМНЕ денеска остро ја нападна македонската влада за поднесените нови измени на Законот за возила, со кои ќе се воведат еколошки налепници за возилата и ќе се воведат субвенции за купување нови возила. Пратеникот Влатко Ѓорчев појасни дека само мал број на луѓе во земјава ќе си дозволат зелена налепница за нивните возила, која што ќе значи непречено движење на овие превозни средства. „Оваа мерка не го решава проблемот на граѓаните затоа што најголемиот дел од загадувањето доаѓа со затоплувањето и едноставно ќе предизвика бројни и бројни секојдневни проблеми за стотици илјади граѓани“ изјави Влатко Ѓорчев.

 

 

Тој посочи дека илјадници граѓани нема да можат да ги користат нивните возила во секојдневниот живот, додека алтернативниот транспорт не ќе може да го издржи оптеретувањето со кое ќе се соочи. Од ВМРО – ДПМНЕ побараа веднаш да се сопре со реализација на проектот, на како што кажа Влатко Ѓорчев, проектот за ограничување на движењето на средната класа и сиромашните луѓе во Македонија.

 

На ваквите обвинувања на опозицијата денеска одговорија од Градот Скопје, кои велат дека сообраќајот и возилата се вториот по ред загадувач во главниот град со учество од околу 20%. За подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје се предвидени 53 мерки на краток, среден и долг рок. „Конкретните измени во Законот за возила, кои се на иницијатива на Град Скопје, се далеку поефективни и поправични во однос на алтернативата која се спроведува во некои метрополи, а тоа е забрана за користење по принципот „пар – непар“ велат од Град Скопје.

 

Со најновите измени на Законот за возила се предвидува воведување на еколошки налепници на возилата, кои ќе бидат поделени во три категории според типот на мотор со кој располагаат и погонот на моторот на самото возило. Ограниченото движење на возилата во заштитени еколошки зони би се вовело во деновите кога Град Скопје ќе утврди загаденост на воздухот над прагот на дозволеното. Воедно, владата ќе издвои субвенции до 5.000 евра по барател за набавка на електрични возила, до 3.000 евра по барател за набавка на хибридни возила и субвенции за надомест на трошоците за вградување на уред на погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво за постојните возила.