Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денеска и официјално информираше дека нивниот борд на директори го одобрил проектот за финансирање на набавката на 35 нови автобуси на компресиран природен гас за потребите на ЈСП – Скопје. По донесувањето на ваквата одлука, во најскоро време треба да биде и официјално распишан тендерот за обновување на возниот парк на ЈСП – Скопје. Проектот ќе биде вреден 11,8 милиони евра, од кои ЕБОР ќе обезбеди кредитна линија во износ од 10 милиони евра, додека останатите средства ќе треба да се обезбедат од Градот Скопје и од самото сообраќајно претпријатие.
Нископодните автобуси ќе имаат најнови „Еуро 6“ мотори, коишто ќе гарантираат намалено испуштање на ПМ честички за 96% и намалување на испуштениот јаглерод диоксид на автобусите за 19%. „Новите автобуси ќе ги заменат старите дизел возила со „Еуро 2“ мотори, а планираната инвестиција ќе има значајни еколошки и здравствени бенефити“ велат од ЕБОР. Како што најавија претходно од Градот Скопје, две-третини од новите еколошки возила би требало да бидат зглобни автобуси.
Покрај за подновување на возниот парк на ЈСП – Скопје, одобрениот кредит од ЕБОР ќе се искористи и за три други намени – подобрена ефикасност и одржливост на работењето на јавното сообраќајно претпријатие, реструктурирање на скопскиот автобуски сектор и развој на Акционен план за зелени градови. На тој начин, не само што ќе се набават нови автобуси за ЈСП – Скопје, туку би се зголемил и квалитетот и ефикасноста на градскиот превоз во Скопје, а со тоа и бројката на патници што него секојдневно го користат.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk