Општина Тетово распиша оглас за избор на консултант што ќе изработи физибилити студија за проектирање, финансирање, управување и одржување на уличното осветлување во овој град. Консултантот ќе треба да го изготви овој документ во рок од 50 дена по потпишувањето на договорот, со што ќе се создадат услови за пронаоѓање приватен концесионер што ќе го презеде уличното осветлување во Тетово. Идниот консултант треба да ги води општинските власти во процесот за спроведување на постапката за воспоставување на јавно – приватно партнерство до моментот на потпишување на договорот со приватниот партнер.
Општинските власти очекуваат дека реализацијата на проектот ќе придонесе за намалување на трошоците за електрична енергија и за одржување на јавното осветлување во Тетово, но и ќе се зголеми ефикасноста и брзината при отстранување дефекти преку воспоставување на ефикасен систем за нивно пријавување и воспоставување на современ мониторинг и контрола на системот за јавно осветлување. Услугите на консултантот што ќе ја изработи физибилити студијата е проценето дека ќе чинат околу 1,4 милиони денари, со вклучен ДДВ. Понудите на заинтересираните консултантски компании за учество на тендерот треба да се достават до општина Тетово најдоцна до 19 ноември.