Претходна статија
Интензивно се гради системот за наводнување „Равен - Речица“
Следна статија
ОСВРТ: Изложба како реакција на негрижата кон спомениците од НОБ во Скопје

Возилата ќе добијат еколошки налепници, субвенции ќе има за набавка на електрични и хибридни возила

Објавено на 08.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ја информираа јавноста за предложените законски измени со кои се предвидува воведување на еколошки налепници на возилата, односно за категоризација на сите возила што сообраќаат во нашата земја. Министерот Спасовски појасни дека планираните измени во регистарот на возила ќе овозможат проширување на опсегот на податоци за моторните возила, односно подетално следење на експлоатација на превозните средства.

 

Главната цел на еколошките налепници е да се категоризираат возилата врз основа на количеството на издувни гасови што ги емитираат во воздухот, при што ќе се овозможи во услови на аерозагадување да им се забрани вклучувањето во сообраќај на оние возила што најмногу придонесуваат загадувањето на воздухот. Министерот Бектеши дополни дека овој предлог закон ќе претставува законски основ со кој Министерството за економија ќе направи и воведе неколку програми за субвенционирање за купување на возило на електричен погон или хибридно возило.

 

 

Ваквите мерки на владата следуваат по алармантните бројки што ги прикажуваат мерните станици низ македонските градови во делот на аерозагадувањето. На ниво на главниот град, се направија и стручни студии што покажаа дека токму возилата се едни од главните извори на загадување на воздухот во Скопје. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројката на регистрирани возила во Скопје и низ целата земја се зголемува од година во година. Во последните 5 години во Скопје биле регистрирани 27.474 нови возила, додека низ целата земја сообраќале вкупно 474.516 патни и приклучни моторни возила, заклучно со 31 декември 2017 година.