Во Музејот на град Скопје на 12 ноември (понеделник), со почеток од 20 часот, ќе биде отворена изложбата со наслов „Регистратура: актуелни состојби – инакви значења“ од авторот Станимир Неделковски. Авторот низ изложбената поставка критички ја согледува состојбата со спомениците и спомен обележјата од НОБ на територијата на Скопје и презентира возбудлив фотографски есеј за нив.
Проектот има за цел да направи збирна претстава за тоа во каква состојба се наоѓаат спомениците од овој период во Скопје и кое е нивното претпоставено значење во новото просторно, но и општествено опкружување. Местото на презентација и каталогот на проектот го формираат одделот Регистратура кој треба да ја меморира и индексира нашата актуелна општествена состојба. Отворањето на изложбата на авторот Станимир Неделковски ќе се одржи ден пред одбележувањето на 74 – годишнината од ослободувањето на Скопје од фашистичкиот непријател.