Монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ од Ерина Богоева ќе биде промовирана на 13 ноември, со почеток од 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улица „Македонија“. Авторката Богоева во својата публикација издвојува фотографии на кои се прикажани триесетина градби изградени во втората половина на дваесеттиот век, односно во периодот на постземјотресната обнова на Скопје. Меѓу овие зданија се наоѓаат Управата за хидрометеоролошки работи, Градскиот ѕид, студентскиот дом „Гоце Делчев“, Домот на Армијата, Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ и други скопски зданија. Фотографиите се снимени во временски период од 10 месеци, во различни временски услови.
Промоцијата на книгата е закажана на датумот на одбележувањето на 74 – годишнината од ослободувањето на Скопје. Публикацијата ќе ја промовира архитектот и фотограф Александар Наумчевски. Издавањето на публикацијата е поддржана од Град Скопје, како дел од конкурсот за проекти од областа на културата.